Enes Kaplan
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на лидерите со кои се состана на Самитот на НАТО им ја подари книгата „Борбата на Турција против тероризмот“, која ја опишува одлучната борба на Турција против терористичките организации ЈПГ/ ПКК, ФЕТО и ДЕАШ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган, кој присуствуваше на Самитот на НАТО во Белгија, во рамките на Самитот оствари билатерални средби со шефовите на држави и влади.
Книгата „Борбата на Турција против тероризмот“, која ја опишува борбата на Турција против терористичките организации ЈПГ/ПКК, ФЕТО и ДЕАШ, Ердоган им ја подари на американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и на германската канцеларка Ангела Меркел, со кои се состана во рамките на Самитот.
Забележително беше тоа што книгата беше на масата за време на тет-а-тет средбата меѓу претседателот Ердоган и американскиот претседател Бајден.
- Книгата се состои од три дела
Книгата „Борбата на Турција против тероризмот“, подготвена на англиски јазик од Одделот за комуникации при турското Претседателство, се состои од три дела: ЈПГ/ПКК, ФЕТО и ДЕАШ.
Книгата ја опишува решителната борба на Турција, која беше цел на напади на терористички организации како што се ДЕАШ, ЈПГ/ПКК и ФЕТО.
Во книгата нагласено е дека Турција од нејзините сојузници очекува „да ги почитуваат нејзините права на суверенитет и безбедносните чувствителности и конкретно да застанат покрај неа во борбата против сите терористички организации, вклучувајќи ги ЈПГ/ПКК, ДЕАШ и ФЕТО“.
- Со документи е покажана врската меѓу ЈПГ и ПКК
Во делот за историјата на тероризмот на ЈПГ/ПКК, вклучени се нападите од оваа терористичка организација извршени во Турција и Сирија.
Книгата, во која се укажува и на масакрите, злосторствата и грабежите извршени од ЈПГ/ПКК врз Курдите во Сирија, се споменуваат и злосторствата против човештвото извршени од ЈПГ/ПКК, вклучително и насилното киднапирање и регрутирање деца и шверцот на дрога.
Во книгата, која го привлекува вниманието кон врската меѓу ЈПГ и ПКК со примери и документи од меѓународни извештаи, исто така објаснета е и поддршката што Западот ја дава за ЈПГ/ПКК.
- ФЕТО е закана за светот
Во делот каде што се објаснува каква опасна терористичка организација е ФЕТО, претставени се примери за злосторствата на крвавата организација, од случаи на заговор до атентати, од незаконско прислушување до уцени и заканувачки активности.
Исто така, во книгата се вклучени и детали за најголемиот терористички напад на ФЕТО, обидот за воен удар на 15 јули. Тука се нагласува и неопходноста од екстрадиција на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, од САД, од аспект на меѓународното право.
Меѓу другото, во книгата се привлекува вниманието кон заканата што ја претставува ФЕТО за Соединетите Американски Држави.
- Борбата на Турција против ДЕАШ
Книгата, во која се наведува дека земјата што најмногу страдала од нападите на терористичката организација ДЕАШ, е Турција, се нагласува дека Турција со својата ефективна борба внатре и надвор од нејзините граници ѝ го скршила ’рбетот на оваа терористичка организација.