Sarp Özer
31 Декември 2020•Ажурирај: 01 Јануари 2021
БАКУ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, му посака успех на персоналот на Турските вооружени сили (ТСК), кој ќе служи во Заедничкиот центар кој ќе се формира помеѓу Турција и Русија во Азербејџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На надзорот на граничните единици беа присутни турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, началникот на Генералштабот на турската Армија, генерал Јашар Ѓулер, како и други воени команданти и високи претставници, а потоа преминаа во Азербејџан.
Акар и другите команданти беа пречекани од страна на министерот за одбрана на Азербејџан, Закир Хасанов, и од другите претставници на аеродромот „Хајдар Алиев“. Потоа, страните преминаа во Командата ЕДОК (EDOK) на Азербејџан каде што учествуваа во воената церемонија.
Меѓу другото, за време на оваа церемонија турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски им се обрати на турските војници кои се наоѓаат во Азербејџан за да служат во рамки на Заедничкиот центар кој ќе се формира помеѓу Турција и Русија, како и на персоналот на Вооружените сили на Азербејџан.
Ердоган го поздрави пријателскиот и братски народ на Азербејџан, нагласи дека постигнале епска победа во 44-те дена под водство на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
„Вашето присуство таму е симбол на честа која ја покажува точката до која се доведени односите помеѓу двете земји“, рече Ердоган на турските војници кои се наоѓаат во Азербејџан.
Турскиот претседател упати предупредување до Ерменија која одвреме-навреме го прекршува примирјето.
„На ерменските сили кои влегуваат во акти кои ќе го прекршуваат примирјето, им препорачувам што е можно побрзо да отстапат од оваа грешка“, додаде Ердоган.
Тој исто така им посака успех на сите турски војници кои вложуваат напори за заштита на мирот, спокојството и стабилноста во повеќе земји, вклучувајќи ги Косово, Катар, Авганистан, Либија, Сомалија и Сирија.
„Им посакувам успех на нашите војници кои се мобилизирани за следење на спроведувањето на примирјето. Посакувам центарот кој ќе се формира, што е можно поскоро да започне со активности“, додаде турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.