свет

Ердоган за ситуацијата во Ерменија: „Ние сме против сите видови воени удари“

„Доколку се оди во процесот на смена на некоја власт, тоа може да го направи народот на Ерменија. Тоа треба да се препушти на волјата на ерменскиот народ“, изјави Ердоган.

Sena Güler  | 26.02.2021 - Обновена : 27.02.2021
Ердоган за ситуацијата во Ерменија: „Ние сме против сите видови воени удари“

ИСТАНБУЛ 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го искоментира пучот во Ерменија и порача дека Турција е против сите видови воени удари, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган присуствуваше на петочната молитва во истанбулската Голема џамија „Селимија“, а во обраќањето на новинарите го искоментира обидот за пуч во Ерменија и планираниот проект за изградба на новиот канал во Истанбул.

„Ние сме против сите видови воени удари. Апсолутно, таквите удари се неприфатливи“, порача Ердоган.

Тој исто така изјави дека вклучувањето на војската во политичката криза и обидот за пуч во Ерменија се недозволиви.

Истакнувајќи дека ерменскиот премиер Никола Пашинјан, со својата политика дошол до тоа народот да го смени, турскиот претседател изјави дека ставот на Турција кон воените удари е јасен.

„Доколку се оди во процесот на смена на некоја власт, тоа може да го направи народот на Ерменија. Тоа треба да се препушти на волјата на ерменскиот народ“, изјави Ердоган.

Челниците на ерменската војска вчера го повикаа премиерот Пашинјан да поднесе оставка. Началникот на Генералштабот, Оник Гаспарјан и другите челници на војската објавија соопштение во кое бараат повлекување на Пашинјан од власта.

Пашинјан пак тој повик го окарактеризира како обид за воен пуч и ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците и да дадат отпор.

Коментирајќи го и планираниот проект за изградба на нов канал во Истанбул, Ердоган изјави дека надлежните власти работат на тоа, а дека таквите проекти опозицијата не ги разбира.

„Нашиот проект со алтернативи е веќе подготвен во моментов и ние ќе го реализираме со спојување на Црното Море со Мраморното Море. Светот ќе доаѓа и со восхит ќе го гледа тоа“, порача Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.