Serdar Dincel
07 Септември 2024•Ажурирај: 09 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА)
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес го осуди Израел за подлото убиство на Ајшенур Езги Ејги, турско-американска активистка, која беше убиена од израелските сили вчера за време на протестите на окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Говорејќи на митинг во Истанбул, Ердоган рече дека Израел сега има за цел да изврши геноцид и на Западниот Брег, како што тоа го прави во Газа и да ги окупира и тие подрачја.
„Вчера (Израел) подло го уби нашето дете Ајшенур Езги Ејги. До денес, тие убија над 40.000 невини цивили, од кои 17.000 се деца“, рече Ердоган и додаде:
„Напаѓаат варварски и пролеваат крв без да прават разлика, било да станува збор за деца, жени, млади или стари.“
Аутопсијата на Ејги потврди дека таа била убиена од израелски снајперски куршум во главата, изјави денес гувернерот на Наблус, Гасан Даглас.
„За нас, спротивставувањето на израелскиот државен тероризам е патриотска работа. Се разбира, тоа е национално прашање“, додаде Ердоган.
Осврнувајќи се и на нормализацијата на односите меѓу неговата земја и Египет, Ердоган истакна:
„Новиот процес што го започнавме со Египет ќе биде за просперитетот на Газа и Палестина“