Burç Eruygur
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Во неколку региони на Украина денеска одекнаа експлозии, откако се огласија сирените за воздушен напад во јужните и источните региони, како и во регионот на Киев, јавува Анадолу.
Олех Сињехубов, градоначалникот на областа Харков, на Телеграм објави дека проектил за кој се верува дека е дел од противвоздушниот систем С-300, ја погодил управната зграда во областа Купијанск, при што е повредено едно лице.
„Најмалку две лица во моментов се под урнатините. Спасувачките служби работат на самото место“, рече тој.
Помошникот на градоначалникот на Мариупол, Петро Андриушченко, изјави дека во регионот се слушнале три експлозии, од кои две биле снимени во близина на фабриката за металургија „Мариупол“. Тој подоцна потврди дека третата експлозија се случила на аеродром во близина на градот.
Експлозии се слушнаа и во областите на Киев и Одеса, а подоцна локалните власти потврдија дека се работи за систем за противвоздушна одбрана.
Русија започна речиси секојдневни воздушни напади, особено врз цивилната и енергетската инфраструктура, по нападот на Керченскиот Мост кој ја поврзува со полуостровот Крим, кој беше извршен на 8 октомври минатата година.