Beyza Binnur Dönmez
05 Март 2024•Ажурирај: 07 Март 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Експертите на Обединетите нации (ОН) денес го обвинија Израел дека „намерно го изгладнува“ палестинскиот народ во Газа од 8 октомври 2023 година и дека сега за цел ги има цивилите кои бараат хуманитарна помош и хуманитарни конвои, пренесува Анадолу.
„Израел мора да ја прекине кампањата на гладување и целење на цивилите“, повика групата откако 15 деца веќе умреа од неисхранетост во болницата „Кемал Адван“, а постојат стравувања дека бројките би можеле да бидат поголеми во другите болници.
Тие исто така, го осудија минатонеделниот израелски напад, во кој се убиени најмалку 112, а ранети се околу 760 Палестинци додека чекале во ред за брашно.
Напоменувајќи дека нападот следувал откако Израел не дозволувал хуманитарна помош во градот Газа и во северниот Појас Газа повеќе од еден месец, експертите рекоа дека нападот претставува „шема на израелски напади врз палестинските цивили кои бараат помош, со повеќе од 14 регистрирани инциденти на пукање, гранатирање и нишанење на групи собрани за да ја примат итно потребната хуманитарна помош од камиони или авиони“.
„Израел, исто така, во неколку наврати пукаше кон конвоите со хуманитарна помош, и покрај фактот дека конвоите ги делеле своите координати со Израел“, тврдат експертите и додаваат:
„По еден месец на израелската кампања на изгладнување, Газа можеби веќе се соочува со глад. Единствен начин да се спречи или да се стави крај на изгладнувањето е моментален и траен прекин на огнот.“