Rabia İclal Turan
24 Октомври 2025•Ажурирај: 26 Октомври 2025
Поранешниот американски амбасадор во Јемен, Стивен Фејгин, е назначен за цивилен раководител на Цивилно-воениот координативен центар, што беше основан за поддршка на спроведувањето на планот од 20 точки на претседателот Доналд Трамп за Газа, објави денес Стејт департментот, известува Анадолу.
Фејгин, дипломат кој е амбасадор на САД во Јемен од 2022 година, ќе ги координира напорите на САД и партнерите заедно со воените офицери за одржување на кревкиот прекин на огнот во Газа.
Државниот секретар Марко Рубио, кој го обиколи центарот во Кирјат Гат, 56 километри јужно од главниот град на Израел, Тел Авив, рече дека центарот одразува „здрав оптимизам“ за напредокот во спроведувањето на примирјето.
Високи американски претставници, вклучувајќи го и потпретседателот Џ.Д. Венс, пратеникот за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, ја посетија локацијата оваа недела за да ја покажат посветеноста на Вашингтон на договорот.
Првата фаза од договорот на Трамп за прекин на огнот во Газа од 20 точки беше постигната на 10 октомври.
Во првата фаза беше вклучено ослободувањето на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.
Од октомври 2023 година, во израелската геноцидна војна се убиени речиси 68.300 Палестинци, а повеќе од 170.300 се повредени, објави Министерството за здравство на Газа.