Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Zeynep Katre Oran,Aynur Şeyma Asan
09 Јануари 2025•Ажурирај: 10 Јануари 2025
ДАМАСК (АА) - Анадолу откри „соба за егзекуција“ во злогласниот сириски затвор „Седнаја“, место во Дамаск каде што се егзекутирани затворениците што ги држеше соборениот режим на Башар ал Асад.
Падот на 61-годишниот режим на партијата Баас и избувнувањето на граѓанската војна во Сирија го насочија вниманието кон затворите каде што се држени затворениците, каде што се измачувани и каде што систематски се кршени човековите права.
Еден таков објект е затворот „Седнаја“, кој беше под јурисдикција на Министерството за одбрана на соборениот режим.
Затворскиот комплекс се состои од два посебни притворски објекта познати како „Бела зграда“ и „Црвена зграда“.
Затворениците што биле транспортирани до објектот со бели камиони, наречени „фрижидери за месо“, биле подложени на физичко насилство од затворските службеници штом би влегле во комплексот.
Според извештајот на Амнести интернешенел, повеќето затвореници во „Црвената зграда“ биле цивили што таму биле држени од 2011 година, а во „Белата зграда“ биле сместени офицери и војници обвинети за нелојалност кон режимот.
Честопати затворениците ги носеле во овие згради откако нефер ќе им се судело во воените судови во Мезе, дистрикт на Дамаск.
Од изјавите на поранешните затворски службеници и притвореници се открива дека од 2011 година мнозинството од оние што ги држеле во „Црвената зграда“ биле цивили од сите сегменти на општеството, кои сирискиот режим ги сметал за свои противници.
Во извештајот се посочува дека среде ноќ затворениците со врзани очи ги носеле во собата за егзекуција, лоцирана во југоисточниот дел на „Белата зграда“.
Тие биле информирани за нивната смртна казна само неколку минути пред да ги погубат.
Телата им ги закопувале во масовни гробници во близина на Дамаск.
„Големината на ‘собата за егзекуција’ е проширена по јуни 2012 година за да се погубуваат повеќе луѓе одеднаш. Она што чуварите и службениците обично го опишуваат како 'соба за егзекуција' всушност е отворен простор со три ќелии и две помали простории, а секоја се користи за егзекуции“, се вели во извештајот на Амнести.
„Исто така, во оваа просторија, во задниот лев агол имало мала маса, каде што на приведените им се наредувало да стават печат на изјавата со која се документираат извршувањето на нивната егзекуција и последните желби. Во оваа просторија јамките се врзани на метална цевка прицврстена хоризонтално со таванот“, се додава.
„Платформата на која стоеле жртвите е направена од челик и има бетонски скали што водат до неа. Платформата е висока еден метар, а нејзиниот врв, челична плоча, е фиксирана на местото со брава и игла. Кога се дава наредбата за извршување, се вади иглата и тоа предизвикува платформата да се спушти надолу и жртвите паѓаат долу“, се наведува во него.
- Анадолу ја сними собата за егзекуција во „Седнаја“ -
Јусуф Озхан, заменик-генерален директор и главен уредник на Анадолу, со својот тим ја идентификуваше „собата за егзекуција“ во затворот „Седнаја“ по четиричасовната потрага заснована врз затворските информации што протекле и скиците вклучени во меѓународните извештаи за човекови права.
Потрагата ја опфати и злогласната „Бела зграда“ во затворскиот комплекс.
Екипата влезе низ јагленосана врата во југоисточниот дел а „Белата зграда“, спуштајќи се по три или четири скалила.
Вртејќи надесно откриле простор каде што три ќелии, кои претходно се прикажани на скици, биле отстранети и претворени во одделение.
Значително изгореле внатрешноста на просторијата и леглата.
Тимот на Анадолу најде убедливи докази што се усогласени со меѓународните извештаи дека оваа соба служела како место за егзекуција и тука ги беселе затворениците.
Двете платформи и скалите што водат до нив, кои детално се опишани во дијаграмите за човекови права, останале неоштетени.
Платформите, до кои се пристапува преку три скалила што се доволно големи за неколку лица, ги користеле за егзекуции.
Лицата задолжени за егзекуција ги повлекувале телата на затворениците, при што им ги кршеле вратовите за да ја забрзаат смртта откако ќе ги обесат од таванот.
„Затворот 'Седнаја' е познат како една од локациите каде што режимот на Асад изврши некои од своите најтешки злосторства против човештвото“, рече Озхан.
„Познато е дека режимот, извршувајќи масовни егзекуции, во последните 14 години направи овде да исчезнат илјадници луѓе“, додаде тој.
- Анадолу ќе ги документира злосторствата во „Седнаја“ -
Озхан ја нагласи посветеноста на Анадолу за документирање на злосторствата во затворот „Седнаја“ од падот на режимот, со цел да ја информира јавноста и да ја подигне свеста за ужасите што се случија.
Тој додаде дека се направени интервјуа со лица што биле приведени таму или изгубиле најблиски во затворот.
„Сè уште има видливи детали што ги разоткриваат огромното страдање и незамисливото мачење на политичките притвореници и затвореници овде.“
„Како Анадолу започнавме посветен проект за документирање на неправдите што се случија во затворот 'Седнаја'.“
Озхан истакна дека во тек се многубројни соработки со меѓународни организации за следење на доказите за злосторствата во „Седнаја“.
Тој додаде дека Анадолу планира да создаде сеопфатно документирање и евидентирање на настаните во „Седнаја“, слична на документирањето на воените злосторства на Израел во Газа преку документарниот филм и книга „Доказ“ и „Сведок“.