СДЕРОТ (АА) - ТУРГУТ АЛП БОЈРАЗ / МУСТАФА ДЕВЕЏИ
Пред 43. годишнина од „Денот на земјата“, кој Палестинците го одбележуваат од 1976 година, Израелската војска распоредува на границата на Појасот Газа, кој e под блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 43. годишнина од Денот на земјата, се очекува Палестинците утре да организираат мировни демонстрации на границата на Газа со голем број учесници.
Привлекува внимание интензивното воено присуство на Израел на границата на Газа, каде што ќе се одржат демонстрациите.
Пред Денот на земјата, екипата на АА го сними военото трупање на Израел во место близу градот Сдерот, кој се наоѓа на границата на Газа од израелската страна.
Забележано е дека Израелската војска во ова место позиционирала бројни тенкови, оклопни возила, како и градежни машини.
Поради позиционирањето на голем број тенкови и оклопни возила во ова место, многумина се прашуваат дали Израел се подготвува за војна, додека локалните медиуми велат дека ова е заплашување на палестинските групи во Газа ден пред Денот на земјата.
Покрај тоа, израелските сили со бетонски бариери затворија за сообраќај некои патишта кои водат кон границата на Газа.
Израелската војска ова место го набљудува 24 часа со камерите поставени на балони, а забележано е дека има војници и во бараките за снајперисти поставени на нултата точка на границата со Газа.
- Нетанјаху: „Голема војна е последната опција“
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вчера изврши набљудување во ова место, каде што ги посети и израелските воени сили позиционирани на границата на Газа.
Нетанјаху нагласи дека испратиле дополнителни војници во воените трупи на границата на Газа.
„Во последните денови дадов наредба уште повеќе да се зајакнат нашите позиционирани сили, за испраќање уште повеќе воени возила, и да бидат спремни за голема војна“, рече тој.
Нетанјаху упати закана дека нема да се двоумат да влезат во голема војна доколку бидат принудени.
„Израелските граѓани нека знаат дека по искористување на сите други опции, силно ќе влеземе во голема војна доколку бидеме принудени на тоа“, додаде Нетанјаху.
- „Сакам поразлична состојба за нас и за Палестинците“
Во ова подрачје се зголемува воената активност, а продолжува и секојдневниот живот во Нахал Оз, кој е едно од најблиските еврејски населени места до Газа.
Јаел Лачвани, портпаролка на Нахал Оз, населено место за кое се вели дека е најмногу погодено од тензиите меѓу Израел и Газа, во изјавата за АА истакна дека одвреме-навреме се случуваат негативни работи поради зголемувањето на тензиите во ова подрачје.
Лачвани изрази верување дека Палестинците и Израелците можат да живеат едни до други, и изрази желба да не се актуализира опцијата за војна.
„Се надеваме на мир и спокојство во ова место. Сакам јас, моите деца и Палестинците кои се наоѓаат од другата страна на границата, да имаат поразлична состојба. Бидејќи никој нема потреба да живее под безбедносен проблем сличен на ова“, рече таа.
- Денот на земјата
Израел на 30 март 1976 година заплени илјадници декари земјиште на Палестинците, државјани на Израел, кои живеат во подрачјето на Џелиле, во северниот дел на земјата. По тоа, палестинскиот народ одржа генерален штрајк и демонстрации против ова запленување.
Израелската полиција отвори оган врз Палестинците учесници во овие демонстрации, при што 6 Палестинци го загубија својот живот, а голем број беа повредени. Овој случај, кој се одбележува како Ден на земјата, се смета за симбол на отпорот на Палестинците во врска со земјиштето, кое е извор на конфликтот меѓу Израел и Палестина.
Палестинците, во рамки на 42. годишнина на Денот на земјата, минатата година на 30 март започнаа мировни демонстрации на границата на Газа, која е под блокада, под името „Марш на големото враќање“.
Палестинците за време на овие демонстрации, кои траат околу една година, се обидуваат да ги упатат нивните барања до светот. Тие бараат да се вратат во нивните територии од каде што биле протерани, и укинување на неправедната блокада која од 2006 година се врши врз Газа.
Израелските војници со вистински куршуми отворија оган врз цивилите што организираат мировни протести.
- Комисијата на ОН со апел за судење на виновните Израелци
Независната комисија за истражување на демонстрациите во Газа при Обединетите нации (ОН), на 28 февруари објави извештај во кој беше соопштено дека прекршувањата на израелските војници за време на минатогодишните мировни демонстрации на границата на Газа, која е под блокада, може да се сметаат како „воено злосторство“ и „злосторство против човештвото“.
Извештајот го опфаќа перидот од 30 март, кога започнаа демонстрациите, до 31 декември 2018 година.
Во извештајот се вели дека израелските војници за време на демонстрациите на границата на Газа, отворајќи оган врз палестинските цивили, убиле 189 цивили, а 6.100 биле повредени.
Во овој извештај се упатува апел за започнување итна истрага против израелските војници што отвориле оган врз Палестинците.
Според овој извештај, мнозинството од убиените и повредените цивили не претставувале блиска закана за израелските безбедносни сили.
Во извештајот се наведува дека 3.098 палестински цивили биле повредени како резултат на шрапнел, пластични куршуми и солзавци.