Burç Eruygur
26 Јануари 2023•Ажурирај: 27 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку едно лице загина, а други две се ранети денеска во главниот украински град Киев, додека низ целата земја се огласија сирени за можни руски воздушни напади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во порака преку Телеграм потврди дека има жртви велејќи дека тие загинале како последица на ракета што погодила нерезиденцијална зграда во областа Холосиевски во Киев.
Кличко претходно на Телеграм изјави дека во градот има експлозии, повикувајќи ги сите да се засолнат.
Експлозии беа пријавени во повеќе региони на Украина, додека во земјата беше објавена тревога за воздушен напад претходно во текот на денот.
„Непријателот [Русија] лансира над 15 крстосувачки ракети во правец на Киев. Благодарение на одличната работа на противвоздушната одбрана, сите воздушни цели беа соборени! Сепак, опасноста од воздушни напади не помина. Останете во засолништата додека не заврши тревогата“, истакна на Телеграм началникот на Градската воена управа на Киев, Серхиј Попко.
Гувернерот на Виница, Серхиј Борзов, преку Телеграм соопшти дека нема други жртви во експлозиите во регионот.
„Два клучни објекти на енергетската инфраструктура беа оштетени во регионот на Одеса“, изјави Јуриј Крук, шеф на Окружната државна администрација во регионот.
Не се објавени тревоги за воздушен напад во подрачјето на Крим, кој Русија нелегитимно го анектира во 2014 година.
Речиси секојдневно се објавуваат тревоги за воздушен напад во Украина поради напади со ракети и беспилотни летала, чија цел е цивилната и енергетската инфраструктура на земјата. Ваквите напади драматично се зголемија по експлозијата во октомври минатата година, која го оштети клучниот руски мост „Керч“ кој води до полуостровот Крим.