Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
27 Јануари 2021•Ажурирај: 28 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Најмалку 870 милиони луѓе кои се соочуваат со глад можат да бидат нахранети со една четвртина од остатоците од храна низ светот, вели нутриционист од Турција.
Нагласувајќи дека светската популација се очекува да се зголеми за 9,8 милијарди луѓе до 2050 година, а со тоа и потребите за храна да бидат зголемени за 60 отсто, д-р Нихал Бујукуслу во разговор за Агенција Анадолија (АА) изјави дека приближно половина од овошјето и зеленчукот произведено на глобално ниво се губи напразно секоја година, според ОН.
Бујукуслу, доцент на Универзитетот „Медипол“ во Истанбул, рече дека загубата на храна се гледа на два начина.
„Делот од изгубената храна од жетва до малопродажба се смета за загуба на храна, а делот што се троши на ниво на потрошувач или малодопродажба се смета за отпад на храна“, изјави Бујукуслу.
И покрај тоа што дистрибуцијата на храна во индустриски развиените земји и земјите во развој е приближно на исто ниво, таа рече дека напразно потрошената храна и отпадот во индустриски развиените земји изнесува 680 милијарди долари, а во земјите во развој, 310 милијарди долари.
„Овошјето и зеленчукот, корените и кртолите имаат повисок потенцијал да бидат напразно потрошени во споредба со другата храна“, изјави таа.
Бујукуслу истакна дека вкупното производство на храна по глава на жител за човечка исхрана е околу 900 килограми годишно во богатите земји, што е речиси двојно повеќе од 460 килограми произведени во сиромашните региони.
„Ако само една четвртина од загубената или напразно потрошената храна во моментов на глобално ниво може да се заштеди, би било можно да се нахранат 870 милиони гладни луѓе низ светот.“
Таа исто така рече дека напразно потрошената храна и отпадот од храна имаат значително негативни ефекти врз економијата и животната средина.
Бујукуслу истакна дека треба да се започне со локално и меѓународно заедничко планирање и активности за да се спречи губењето на храна.
„За ова, пред сè, треба да се утврдат фазите на отпадот од храна од производството до потрошувачот и да се развијат стратегии за спречување на отпадот.“
Таа истакна дека отпадот од храна е прашање што може да се управува и спречува.
„Светот ќе доживее последици од неправдата кон храната како масовни миграции, хаос, превирања, конфликти, па дури и војни. Економски ориентиран пристап до храната не е прифатлив за човештвото. Срамота е за човештвото, оние со подобри економски услови да можат да се хранат здраво и соодветно, додека другите да бидат оставени на глад и нездрави услови.“
„Во Турција, најмалку 13,8 отсто од храната произведена во 2016 година е загубена на ниво на земјоделска преработка, според Индексот на загуба на храна на Организацијата за храна и земјоделство при ОН (FAO)“, рече Бујукуслу.
„Во нашата земја, најмалку 5,4 отсто од храната што останува се фрла во корпа, додека 23 отсто од купената храна се фрла дури и без да се консумира, според Извештајот за отпад од Турција за 2018 година, подготвен од Министерството за трговија. Според истото истражување, стапката на оние кои одат на шопинг со список за намирници изнесува 31 отсто. Со други зборови, значителен број потрошувачи купуваат непланирано“, рече таа.
Опишувајќи ги начините на кои може да се надмине напразното трошење храна, Бујукуслу изјави: „Успехот на националната стратегија зависи од соработката на јавниот сектор, индустријата, потрошувачите, академските институции и невладините организации.“
„Потребна е глобална и локална акција за да се зголеми употребата на храната што ја произведуваме. Одговорна потрошувачка свест треба да се создаде со мислата дека сите ресурси што се користат за производството на храна - вклучувајќи ја водата, земјата, енергијата, работната сила и средствата - ќе бидат напразно потрошени со фрлањето храна“, додаде таа.
„Дополнително, мора да се создадат паметни технологии за производство на храна и свесност на производителите, додека напразно потрошената храна и отпадот од храна во депониите што придонесуваат за климатските промени, предизвикувајќи емисии на стакленички гасови, треба да се елиминираат“, рече Бујукуслу.
Таа исто така ги повика луѓето да планираат поздрав и поодржлив начин на исхрана и да утврдат која храна лицето ја доживува како загуба и отпад во потрошувачката во домаќинствата.
„Планирајте што можете да направите за да го намалите и спречите ова. Купувајте храна и пијалаци само онолку колку што ви се потребни“, додаде таа.