свет

Египет одлучи камионите со помош за Газа преку преминот Рафа да ги зголеми на 300 дневно

Бројот на камиони со помош што влегле од египетска страна само во северните области на Појасот Газа од почетокот на светиот муслимански месец Рамазан на 11 март изнесува 322

Rania R.a. Abushamala  | 08.04.2024 - Обновена : 09.04.2024
Египет одлучи камионите со помош за Газа преку преминот Рафа да ги зголеми на 300 дневно

ИСТАНБУЛ (АА) - Египет од вчера одлучи да го зголеми бројот на камиони со хуманитарна помош што влегуваат во Газа преку преминот Рафа на 300 дневно, изјави официјален претставник, јавува Анадолу.

Овој потег се совпаѓа со поминати шест месеци откако Израел ја започна својата брутална војна против енклавата, во која живеат 2,3 милиони Палестинци.

Дија Рашван, шеф на египетската информативна служба, соопшти дека неговата земја одлучила да го зголеми бројот на камиони со хуманитарна помош што превезуваат храна, медицински материјали и дневни потреби во согласност со директивите на претседателот Абдел Фатах ал Сиси.

Рашван ниту прецизираше дали целата помош е египетска или доаѓа од други земји и ентитети ниту, пак, бројот на камиони што моментно влегуваат во Газа преку Рафа.

Тој рече дека бројот на камиони со помош што влегле од египетска страна само во северните области на Појасот Газа од почетокот на светиот муслимански месец Рамазан на 11 март изнесува 322.

Бројот на камиони што влегле во Газа преку Рафа од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година достигна 19.354 со 19.952 тони медицински материјали и 23.453 тони храна, според Рашван.

Тој додаде дека камионите превезувале и 10.435 тони гориво, 26.692 тони вода и 44.103 тони друг хуманитарен материјал заедно со 123 опремени амбулантни возила.

Понатаму Рашван изјави дека 3.764 повредени и болни лица влегле во Египет од Појасот Газа на лекување заедно со 6.191 придружник и 66.759 странски и двојни државјани, како и 6.330 Египќани.

Израел спроведе смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на почетокот на октомври минатата година од страна на палестинската група Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Оттогаш се убиени речиси 33.200 Палестинци, а околу 75.900 се повредени.

Израел, исто така, воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската армија принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој неодамна побара од него да стори повеќе за да се спречи глад во Газа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.