Merve Berker
20 Мај 2024•Ажурирај: 21 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Во израелската воена офанзива во Рафа, на југот од Појасот Газа, присилно се раселени повеќе од 810.000 Палестинци, објави денес Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), јавува Анадолу.
„Егзодусот продолжува во Газа. УНРВА проценува дека повеќе од 810.000 луѓе избегале од Рафа во изминатите две недели“, објави агенцијата на X.
Таа нагласи дека „секогаш кога семејствата се раселени, нивните животи се сериозно загрозени“.
„Луѓето се принудени да остават сè во потрага по безбедност. Но нема безбедна зона“, додаваат тие и уште еднаш повикаа на прекин на огнот во енклавата.
Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври минатата година во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш во израелските напади врз Газа загинати се повеќе од 35.400 Палестинци, главно жени и деца, а над 79.300 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.