Diyar Güldoğan
07 Октомври 2022•Ажурирај: 08 Октомври 2022
ПРАГА (АА) - Европскиот совет ќе се состане денес во Чешка на разговори за Руско-украинската војна, растечките трошоци за енергија и за нивните последици по економијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неформалниот состанок ќе се одржи еден ден по првиот состанок на Европската политичка заедница, кој собра 27 земји членки на ЕУ и лидерите на 17 европски земји во главниот град Прага, со цел да се поттикне политичкиот дијалог и соработката за решавање на прашања од заеднички интерес.
На состанокот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за одговорот на Блокот и како да се продолжи со обезбедување силна економска, воена, политичка и финансиска поддршка за Украина во услови на руската војна.
Еден од главните фокуси ќе биде како да се гарантира енергија за домаќинствата и бизнисите по прифатливи цени.
Европските земји се соочуваат со високи цени на енергијата и недостиг на гас поради Руско-украинската војна.
Русија ги намали испораките на природен гас за Европа, од кои континентот со години зависеше за производство на електрична енергија и за загревање на домовите, како одговор на западните санкции.
Минатиот месец ја запре испораката на гас преку гасоводот „Северен тек 1“ на неодредено време.
Лидерите, исто така, ќе разговараат и за начините како ЕУ може да го поддржи растот и работните места истовремено штитејќи ги најранливите категории кои најмногу страдаат од високите сметки за енергија.
Тие ќе продолжат да разговараат за овие прашања на претстојниот состанок на Европскиот совет во Брисел закажан за 20 и 21 октомври.