Erdoğan Çağatay Zontur
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
БРИСЕЛ (АА) - Во услови на континуираниот хаос во врска со Брегзит и барањето на британската премиерка Тереза Меј за уште едно одложување на рокот за излез на земјата од ЕУ, Европскиот парламент ќе гласа за мерка со која ќе им се овозможи на британските граѓани безвизен режим, јавува Anadolu Agency (AA).
„Комисијата за граѓански слободи на ЕП денес предложи по Брегзит, британските граѓани да можат да патуваат во земјите на ЕУ без визи за краток период, доколку државјаните на ЕУ имаат исти услови кога патуваат во Велика Британија“, се вели во соопштението на Комисијата.
За овој предлог ќе се гласа утре, и доколку помине, ќе биде применет од денот по излегувањето на Велика Британија од европскиот блок.
Од тој датум, на британските граѓани, според предлогот, нема да им биде потребна виза за престој во ЕУ до 90 дена во секој 180-дневен период.
Британската премиерка Тереза Меј денес изјави дека на Велика Британија ѝ е потребно додатно кратко одложување на рокот од страна на ЕУ, од моменталниот датум за излез на 12 април.
ЕУ треба да одржи вонреден самит за Брегзит на 10 април.
Британскиот парламент во неколку наврати не успеа да се договори за ниту еден од плановите за Брегзит.
На референдумот во 2016 година, гласачите на Велика Британија одлучија да го напуштат Блокот, по членство од над 40 години.