Övünç Kutlu
13 Мај 2022•Ажурирај: 14 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Купувањето на Твитер од страна на Илон Маск привремено е ставено на чекање поради бројот на спам и лажни профили, соопшти бизнис-магнатот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Твитер-договорот е привремено на чекање додека ги очекуваме податоците кои ги потврдуваат калкулациите дека процентот на несаканата пошта и лажните профили е помалку од 5 отсто од корисниците“, напиша Маск на својот профил на Твитер.
Компанијата за социјални медиуми претходно овој месец објави дека проценува дека лажните профили и несаканата пошта (спам) сочинуваат помалку од 5 отсто од дневниот број активни корисници, според поднесокот до Комисијата за хартии од вредност на САД.
Маск претходно истакна дека еден од неговите приоритети по неговото преземање ќе биде отстранување на спамовите и ботовите од платформата.
Твитер забележа брз пад на цената на своите акции за речиси 22 отсто до 35,18 долари по акција во петокот пред отворањето на Њујоршката берза, откако претходниот ден изнесуваше 45,08 долари пред затворањето на берзата.
Двајца директори на Твитер вчера објавија дека ја напуштаат компанијата, која, исто така, најави замрзнување на нови вработувања.
Твитер на 25 април објави дека ја прифаќа понудата на Маск за нејзино купување за износ од 44 милијарди долари.
Многу корисници на услугите на Твитер изразија резервираност за договорот, велејќи дека попопустливиот пристап на Маск може да ги отвори вратите за зголемување на говорот на вознемирување, омраза и злоупотреба.