Mustafa Deveci
30 Август 2020•Ажурирај: 31 Август 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската Влада се надева дека церемонијата на потпишување на договорот за нормализирање на односите со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе се одржи во Вашингтон кон средината на септември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелскиот министер за регионална соработка, Офир Акунис, во изјавата за една локална телевизија истакна дека сè уште нема утврден точен датум за потпишување на договорот за нормализација помеѓу Израел и ОАЕ, и дека очекуваат тоа да се одржи кон средината на следниот месец.
Акунис изјави дека израелската и американската делегација, кои утре ќе го посетат Абу Даби, со официјалните претставници на ОАЕ ќе разговараат за датумот на потпишување на договорот, со кое ќе се отвори патот на дипломатските односи меѓу двете земји.
Наведувајќи дека договорот ќе биде потпишан во Вашингтон, Акунис рече: „На разговорите што ќе се одржат утре во ОАЕ ќе биде утврден и датумот на потпишување на договорот. Се надеваме дека церемонијата на потпишување ќе се одржи пред Рош Ашана (Нова година според хебрејскиот календар, која оваа година се слави на 18 септември).“
Израелски и американски официјални лица, меѓу кои и челникот на Советот за национална безбедност, Меир Бен Шабат и советникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, утре ќе допатуваат во ОАЕ на серија состаноци.
Американскиот претседател Трамп на 13 август објави дека Израел и Обединетите Арапски Емирати постигнале договор за „целосно нормализирање на односите“.
ОАЕ стана третата арапска земја што има постигнато договор за нормализација на односите со Израел, по Египет во 1979 година и Јордан во 1994 година.