Esra Taşkın
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
ПАРИЗ (АА) - Децата мигранти без придружба поставија камп во Париз, главниот град на Франција, со барање да им се обезбеди постојано сместување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Околу 33 деца под 18 години од земјите Брегот на Слоновата Коска, Мали, Сенегал и Авганистан, заедно со хуманитарната организација „Утопија 56“ поставија камп на плоштадот Бастиља во Париз.
Децата мигранти без придружба бараат власта да се погрижи за нив, за да добијат соодветно сместување и да не бидат на улица.
По пристигнувањето во Франција, се земаат изјави од малолетни мигранти без придружба за да се утврди дали се малолетни.
Следствено, децата мигранти за кои се оценува дека не се малолетни не можат да бидат во установи за згрижување деца и немаат социјални и образовни права како другите деца во земјата.
Децата мигранти кои сакаат да докажат дека се малолетни можат да одат на суд за малолетници.
Оние деца мигранти кои судот ќе ги прогласи за малолетни, се надгледувани од агенција за социјална помош позната како Служба за заштита на децата (ASE) и тие имаат право да престојуваат во сместување кое е погодно за деца.
Од друга страна, додека судот не донесе одлука, децата мигранти без придружба остануваат во правна несигурност и не можат да користат засолништа ниту за малолетници, ниту за малолетни мигранти, и воглавно живеат на улица.
Али Соумаро (16), дете мигрант без придружба од Брегот на Слоновата Коска, за АА изјави дека по тридневно патување со дрвен брод пристигнал во Мали, Алжир, Мароко, а потоа во Шпанија и конечно дошол во Франција.
Соумаро рече дека француските власти му ги побарале документите, но не му ги признала документите, иако на нив има датум на раѓање.