Ekipa
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Десетици израелски доселеници во придружба на полициски службеници упаднаа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим (Ал Кудс), соопшти Управата за верски прашања на Палестина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Околу 66 израелски доселеници упаднаа утринава во комплексот“, се наведува во соопштението.
Меѓу оние кои влегоа во комплексот на „Ал Акса“ беше и рабинот Јехуда Глик, на јавноста познат по апелите да се интензивираат упадите на доселениците во комплексот.
Се очекува што повеќе израелски доселеници во текот на денот во придружба на полицијата да влезат во ова свето место.
„Ал Акса“ претставува трето најважно место за муслиманите, додека Евреите тоа подрачје го нарекуваат „Рид на храмот“, тврдејќи дека во античко време на таа локација се наоѓале два еврејски храма.
Израел од 2003 година на израелските доселеници им дозволува влез во комплексот речиси секојдневно, освен петок и сабота.
Израел во текот на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупира Источен Ерусалим, каде што се наоѓа и „Ал Акса“, а во 1980 година го анектира целиот град, што меѓународната заедница никогаш не го призна.