Ekipa
14 Февруари 2023•Ажурирај: 15 Февруари 2023
ИДЛИБ (АА) - Делегација на Обединетите нации (ОН) денес ги посети областите под контрола на сириската опозиција што беа тешко погодени од минатонеделните разорни земјотреси, јавува Анадолу.
Според репортерот на Анадолу, делегацијата на ОН влегла на сириската територија од граничниот премин Баб ал Хава со Туркије и се упатила кон покраината Идлиб во северозападна Сирија.
Делегацијата треба да се сретне со шефовите на хуманитарните организации и граѓанските здруженија вклучени во напорите за помош на жртвите од земјотресот во областа, велат извори за Анадолу.
Најмалку 3.688 луѓе загинаа, а над 14.749 се повредени во Сирија како последица на двата силни земјотреси што минатата недела ја погодија јужна Туркије.
Во Туркије, според последните официјални податоци, животот го изгубија најмалку 31.974 лица, а над 81.000 се повредени.
Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари ги погодија јужните делови на Туркије, со епицентар во областа Кахраманмараш, а голем број спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.