Ahmed Asmar
25 Јануари 2024•Ажурирај: 26 Јануари 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 20 Палестинци загинаа, а 150 се повредени денес во израелското гранатирање на гладните луѓе што ја чекаа хуманитарната помош во градот Газа, пренесува Анадолу.
Бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми бидејќи многу повредени се во критична состојба, изјави портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф ал-Кудра.
Според очевидци, цел на артилериски гранати и огнено оружје биле Палестинците кои чекале хуманитарна помош на Кувајтската раскрсница во градот Газа.
Израел наметна опсежна опсада на Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, оставајќи го населението на Газа да се бори со катастрофални хуманитарни услови.
На 2 јануари Агенцијата за палестински бегалци на ОН, УНРВА, објави влегување на хуманитарна помош во северниот дел на Газа првпат од крајот на еднонеделната хуманитарна пауза на 27 декември.
Портпаролот на УНРВА, Аднан ебу Хасна, изјави дека дневно во северниот дел на Газа влегуваат од пет до седум камиони со помош.
„Оваа помош не е доволна за потребите на населението во Северна Газа“, изјави тој за Анадолу. „Таму гладуваат десетици илјади луѓе.“
Израел започна жестока офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври, во која досега загинаа најмалку 25.700 Палестинци, а повредени се 63.740. Се верува дека во нападот на Хамас загинати се скоро 1.200 Израелци.
Според ОН, израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено, има сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.