свет

Данските војници се подготвуваат за можен американски напад врз Гренланд

- „Политичкото раководство, одбраната и безбедносниот апарат во Данска одлучија да ја ’прифатат играта‘“

İlayda Çakırtekin  | 19.03.2026 - Обновена : 19.03.2026
Данските војници се подготвуваат за можен американски напад врз Гренланд

ИСТАНБУЛ (АА) – Данските војници се подготвуваат за можен американски напад врз Гренланд, во екот на заканите за преземање од страна на претседателот Доналд Трамп, објави денес радиодифузерот ДР, повикувајќи се на извори од Данска, Франција и Германија, пренесува Анадолу.

Кога данските војници биле преместени на Гренланд во јануари, тие наводно носеле експлозиви за уништување на клучните писти и резерви на крв за лекување на ранетите, во обид да се подготват за блокирање на евентуално американско преземање на островот.

Висок француски функционер за радиодифузерот ДР изјави дека кризата со Гренланд ја натера Европа да сфати дека треба да биде способна сама да се грижи за сопствената безбедност.

Набрзо по изборот на Доналд Трамп, Данска наводно побарала политичка поддршка од Франција, Германија и нордиските престолнини за формирање европска алијанса, со цел одбрана на Гренланд од евентуално американско преземање.

„Политичкото раководство, одбраната и безбедносниот апарат во Данска одлучија да ја ’прифатат играта‘,“ изјави францускиот функционер.

Според извештаите, данската Влада го забрзала распоредувањето на своите војници на Гренланд на почетокот на јануари, особено по американската воена интервенција во Венецуела.

„Кога Трамп постојано повторува дека сака да го преземе Гренланд, а потоа се случи она што се случи во Венецуела, моравме сериозно да ги разгледаме сите можни сценарија“, изјави извор за ДР.

Изворите, исто така, забележуваат дека доколку САД се обидат да извршат напад, данските војници би биле опремени со муниција и подготвени за борбени дејства, додека борбените авиони од типот Ф-35, кои итно се префрлени на северот, исто така, биле тешко вооружени.

„Израснав за време на Студената војна и понекогаш посакувам да можев да се вратам во тоа релативно стабилно време кога светските лидери знаеја до каде може да одат без да го предизвикаат најлошото можно сценарио“, додаде понатаму германски функционер за ДР.

Француски функционер нагласи дека Европа мора „да ја повтори граматиката на моќта” и да не смета на воена поддршка од САД.

Во последните месеци Трамп го обнови својот интерес за американска контрола врз Гренланд, наведувајќи ја загриженоста за националната безбедност во однос на Русија и Кина. Тој се закани со санкции против европските земји што се спротивставуваат на таквиот чекор.

Потоа Трамп ги повлече заканите по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, изјавувајќи дека воспоставиле рамка за потенцијален договор што ги вклучува Гренланд и поширокиот арктички регион, по што следуваа разговори меѓу САД, Данска и Гренланд.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın