Melike Pala
25 Септември 2025•Ажурирај: 26 Септември 2025
БРИСЕЛ (АА) - Министерот за одбрана на Данска, Троелс Лунд Поулсен, денес изјави дека инцидентите со дронови што доведоа до затворање на аеродромот „Алборг“ и неколку двлијаеше на неколку други аеродроми во земјата, изгледаат како „професионални и систематски“, веројатно дел од хибриден напад, но не претставуваат непосредна воена закана, јавува Анадолу.
Инцидентите, пријавени синоќа, вклучувале присуство на дронови во Алборг, Есбјерг, Сондерборг, воздухопловната база Шкридструп и накратко на аеродромот Билунд, што предизвикало привремено затворање на воздушниот простор.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со министерот за правда Петер Хумелгард, началникот на одбраната Михаел Хилдгард и началникот на националната полиција Торкилд Фогде, Поулсен ја опиша активноста со беспилотните летала како индикација за професионален актер, нагласувајќи дека тоа не претставува директна воена закана за Данска, објави радиодифузерот ДР.
„Секако не изгледа како случајност. Изгледа систематски. Сè уште нема директна воена закана за Данска“, рече Поулсен.
Министерот за правда Хумелгард рече дека активноста на беспилотните летала е дел од поширок модел на загрижувачки инциденти низ Европа и ја нагласи целта на ваквите хибридни закани: да сеат страв и раздор.
На 10 септември, наводен руски напад со беспилотни летала ја погоди полската територија, што го поттикна НАТО да распореди борбени авиони. Романија и Естонија упатија слични обвинувања, кои Русија ги негираше.
Тој додаде дека властите темелно ги истражуваат инцидентите, додека ги држат отворени сите можности во врска со сторителите.
Началникот на одбраната Хилдгард и началникот на полицијата Фогде рекоа дека данската одбрана и националната полиција го координирале надзорот и поддршката во текот на ноќта.
Хилдгард објасни дека одлуката да не се соборуваат беспилотните летала се засновала на безбедносни причини за населението и професионална проценка на војската.
Властите сè уште не го идентификувале изворот на беспилотните летала, а не се утврдени ни директни врски со странски држави, вклучително и Русија.
„Она што сега го доживуваме се беспилотни летала кои потенцијално се испуштаат во нашата непосредна околина. Не знам од каде дојдоа беспилотните летала, но не дојдоа од голема далечина“, рече Хилдгард.
Министерот за одбрана рече дека Владата сè уште не донела конечна одлука за активирање на член 4 од НАТО, кој ѝ дозволува на секоја земја членка да побара консултации кога нејзината безбедност е загрозена, но Данска веќе се обратила до Алијансата.