Esat Fırat
27 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
АЛЖИР (АА) - Министерството за надворешни работи на Алжир соопшти дека генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, како почесен гостин ќе присуствува на Самитот на Арапската лига што во ноември ќе се одржи во Алжир, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на МНР е наведено дека министерот за надворешни работи на Алжир, Рамтане Ламамра, кој престојува во Њујорк во рамките на 77. заседание на Генералното собрание на ОН, се сретнал со генералниот секретар Гутереш.
Истакнато е и дека министерот Ламамра во таа прилика му врачил покана на Гутереш за присуство на Самитот на Арапската лига во Алжир, како почесен гостин.
Шефот на ОН ја прифатил поканата, изразувајќи длабока благодарност што ќе има можност да учествува на состанокот.
Во соопштението се наведува и дека Гутереш на средбата со Ламамра го пофалил одличниот придонес на Алжир во ОН.
Самитот на Арапската лига, кој не можеше да се одржи во 2020 и 2021 година поради пандемијата на Ковид-19, ќе се одржи во Алжир на 1 и 2 ноември.
Арапската лига е регионална организација на арапските земји во и околу Северна Африка, Рогот на Африка и Југозападна Азија.
Арапската лига, формирана во Каиро на 22 март 1945 година, моментално брои 22 земји членки.