Bayram Altuğ
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денес изјави дека е време конечно да се стави крај на пеколот во Источна Гута и порача дека последната резолуција на Советот за безбедност на ОН за едномесечно примирје во Сирија ќе има смисла само ако целосно се имплементира, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на 37. редовно заседание на Советот за човекови права на Обединетите нации (UNHRC) во Женева, Гутереш укажа на жестоките напади на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад врз цивилите во енклавата Источна Гута, која веќе шеста година е под целосна опсада.
„ОН е подготвен да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Источна Гутa и да ги евакуира повредените и болните луѓе. Тие луѓе веќе не можат да чекаат. Време е да се стави крај на овој пекол на земјата“, порача Гутереш.
Првиот човек на ОН истакна и на грубото кршење на човековите права во подрачјето на Аракан во Мјанмар, каде малцинската муслиманска заедница Рохинџа е изложена на брутални напади на мјанмарските сили и будистичките милитанти.
„Во неколку наврати и лично го посетив регионот и од лично искуство можам да кажам дека населението во Аракан е изложено на најголема дискриминација во светот. Тоа беше така и пред минатата година кога започна новиот бран насилства“, рече Гутереш.
Укажувајќи на ускратеното право за државјанство и основните човекови права на муслиманите во Аракан, Гутереш изјави дека постојат показатели дека тој народ е жртва на етничко чистење кое го спроведуваат мјанмарските сили.
Гутереш ја повика владата во Мјанмар да пристапи кон трајно решавање на араканската криза, а меѓународната заедница ја повика да им помогне на араканските бегалци кои се наоѓаат во Бангладеш.
На отворањето на заседанието на УНХЦР во Женева се обрати и комесарот на ОН за човекови права, Зеид Ра'ад Ал Хусеин, кој, исто така, укажа на бруталното страдање на цивилите во Источна Гута и додаде дека силите на сирискиот режим продолжуваат со извршување напади и по усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност која предвидува воспоставување примирје.
„Основните човекови слободи во светот бележат тренд на опаѓање. Насилството денес повторно стана мода“, изјави Хусеин, додавајќи дека зајакнувањето на ксенофобијата и расизмот е голем срам за Европа.
Комесарот за срамна ја нарече и неодамнешната изјава на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој рече дека Унгарците не сакаат да се мешаат со раси кои имаат поинаков надворешен изглед.
На првиот ден од заседавањето на УНХЦР во Женева, обраќање пред присутните имаат и претседателот на УНХЦР, Воислав Шуц, претседавачот со Генералното собрание на ОН и Мирослав Лајчак и шефот на швајцарската дипломатија Игнацио Касис.
Советот кој брои 47 члена, во следните четири недели ќе расправа за низата проблеми поврзани со почитувањето на човековите права во различни делови на светот.
Главни теми на заседавањето ќе бидат случувањата во кризните жаришта како Сирија, Јемен, Мјанмар, палестинските територии под израелска окупација, Ирак, Либија, Јужен Судан и Демократска Република Конго.
Надлежните комисии ќе поднесат над 100 извештаи за човековите права во тие региони.