Seda Sevencan
04 Март 2026•Ажурирај: 06 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Гувернерот на сојузната држава Калифорнија, Гавин Њусом, кој се смета за можен претседателски кандидат во 2028 година, го спореди Израел со „апартхејд држава“ и оцени дека Тел Авив ја довел администрацијата во САД до точка кога преиспитувањето на долгогодишната воена поддршка повеќе не може да се избегне, јавува Анадолу.
Говорејќи во Лос Анџелес, Њусом вчера упати остри критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, познат и како Биби, како што го нарекуваат некои во секојдневниот говор.
„Прашањето за Биби е интересно, бидејќи тој има сопствени внатрешни проблеми. Се обидува да избегне затвор. Го очекуваат избори“, рече Њусом, алудирајќи на корупциските случаи против Нетанјаху, одложени поради долготрајната офанзива врз Газа, како и на изборите закажани за октомври.
Тој додаде дека Нетанјаху е под притисок, а тврдокорните кругови бараат анексија на Западниот Брег.
„(Томас) Фридман и други со право зборуваат за тоа како за ‘апартхејд држава’“, изјави Њусом, повикувајќи се на влијателниот колумнист на „Њујорк тајмс“, Томас Фридман, кој во изминатите години стана поостар критичар на израелските политики.
На прашањето дали Вашингтон треба да ја преиспита воената поддршка за Израел, Њусом одговори: „Ми се кине срцето, бидејќи сегашното раководство во Израел нè води по пат каде што мислам дека немаме избор освен да ја разгледаме таа можност.“
Со поддршка и од републиканците и од демократите, Израел од 1946 година е најголем примател на американска странска помош.
Сепак, најновите анкети за првпат покажуваат дека Американците изразуваат поголема симпатија кон Палестинците отколку кон Израел, особено меѓу помладата популација.
Во однос на можноста за промена на режимот во Иран, Њусом беше скептичен.
„Зборуваме за промена на режим? Две години не успеаја да го решат ниту прашањето со Хамас во Израел“, рече тој.
Покрај раководењето со Калифорнија, држава со четврта најголема економија во светот, Њусом е чест критичар на републиканскиот претседател на САД, Доналд Трамп, а многу аналитичари очекуваат тој да се кандидира за претседател како демократ во 2028 година.
Тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако САД и Израел минатата сабота започнаа голем напад врз Иран, при што досега се убиени речиси 900 лица, меѓу кои и врховниот лидер Али Хаменеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон неколку заливски земји каде што се наоѓаат американски бази.