Fatih Erel
22 Март 2016•Ажурирај: 23 Март 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (ОН) денес изјави дека нема да работи во задолжителните објекти за притвор на бегалци во Грција што произлезе од договорот помеѓу ЕУ и Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„УНХЦР не е дел од договорот помеѓу ЕУ и Турција, ниту пак ќе биде вклучена во враќањата или задржувањата. Ние ќе продолжиме со помошта на грчките власти во развивањето адекватни капацитети за прифаќање”, изјави денес на прес-конференцијата во Женева портпаролката на УНХЦР, Мелиса Флеминг.
Според договорот постигнат во петокот, сите бегалци и мигранти кои пристигнуваат во Европа преку Грција, од недела ќе бидат враќани во Турција по индивидуалните проценки дека се во целосна согласност со меѓународните закони.
За возврат, земјите членки на ЕУ ќе ги прифатат сириските бегалци кои веќе се наоѓаат во турските бегалски кампови почнувајќи од 4-ти април.
„Во неделата прописите договорени помеѓу ЕУ и Турција за задржување на големиот прилив на бегалци и мигранти во Грција и понатаму во Европа, стапи на сила. Почнувајќи од саботата, грчките власти го забрзаа префрлањето на континенталниот дел (на Грција) на скоро 8.000 бегалци и мигранти кои пристигнаа на грчките острови пред 20-ти март. Ова се направи со цел да се одвојат од оние лица кои пристигнаа после тој датум, кои пак ќе бидат предмет на нова повратна политика”, рече Флеминг.
Според податоците на УНХЦР, од неделата на островот Лесбос пристигнаа околу 934 лица.
„УНХЦР досега ги поддржуваше властите во т.н ,хотспот зони' на грчките острови, каде што бегалците и мигрантите беа прифаќани, им се помагаше и каде што им беше вршена регистрацијата. Според новите прописи, овие места сега станаа објекти за задржување (притвор). Поради тоа, а во согласност со нашата политика на несогласување со задолжителното задржување, ние прекинавме одреден дел од нашите активности во сите центри од затворен тип на островите”, додаде Флеминг.