Mehmet Hatipoğlu
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
ЃУМУРЏИНА (АА) - Во Грција продолжуваат напорите за гаснење на шумските пожари што избувнаа на различни места, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Соопштено е дека некои села се евакуирани, а одредени главни артерии во регионот се затворени за сообраќај откако пожарот во областа Вилија, северозападно од регионот Атика, почна да им се заканува на населбите.
Во изјавата дадена од Бригадата за противпожарна заштита се наведува дека на пожарот што избувна во шумското подрачје на Вилија вчера попладне и што се прошири на широка област под дејство на ветрот е интервенирано од копно и воздух.
Од друга страна, евакуирани се населените места како што се Панорама, Палеохори, Палеокундура и Агија Сотира, како и старечки дом.
Исто така, нагласено е дека во пожарот, што се проширил на површина од приближно 10 километри, интервенирале 5 противпожарни авиони, вклучувајќи руски авиони од типот „Бериев-200“, 6 хеликоптери, 330 пожарникари и 115 возила.
Се додава дека покрај екипите на Европскиот механизам за цивилна заштита, во напорите за гаснење на пожарот учествувале и пешадиските единици на Армијата, полиција, доброволци, а била употребена градежна опрема на локалните власти.
Од друга страна, се нагласува дека пожарот што избувна вчера во регионот Кератеа, јужно од Атина, е ставен под контрола, а пожарникарите се во состојба на готовност во случај на повторно избувнување на пожарот.
Исто така, соопштено е дека продолжуваат работите околу пожарите што се ставени под контрола во Парнитас во Атика, на северот од островот Евбоја и на Пелопонез.