Ayhan Şimşek
14 Август 2025•Ажурирај: 15 Август 2025
БЕРЛИН (АА) – Граничните контроли на Германија, воведени за намалување на нерегуларната миграција, ја чинеле државата 80,5 милиони евра (94 милиони долари) во изминатите девет месеци, покажуваат официјалните податоци објавени денес, јавува Анадолу.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, доставени како одговор на пратеничко прашање од опозициската Левица, трошоците за граничните мерки по квартал се движат меѓу 24 и 29 милиони евра.
Иако сите соседни земји на Германија се дел од шенгенската зона без пасошки контроли, Берлин започна привремени проверки на границите во септември 2024 година, под притисок на јавноста за намалување на бројот на мигранти.
Новата конзервативна влада, која дојде на власт во мај, дополнително ги прошири контролите. Во моментов, околу 14.000 полицајци се распоредени за изведување случајни проверки на главните патишта близу границите и на граничните премини.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт минатата недела објави дека контролите ќе бидат продолжени и по следниот месец, сè додека не се постигне решение за миграцијата на ниво на ЕУ.
Построгите гранични мерки предизвикаа тензии со источниот сосед Полска, која како одговор воведе реципрочни привремени контроли.
Полски политичари ја обвинија Германија дека турка мигранти од својата територија кон Полска.
Неколку други земји од ЕУ, меѓу кои Италија, Словенија, Австрија, Данска и Холандија, исто така воведоа привремени контроли во рамките на Шенген, наведувајќи ги како причина притисоците од миграцијата и заканите за јавниот ред и безбедноста.
Според правилата на ЕУ, членките на Шенген можат да воведат привремени контроли само во исклучителни случаи, како што се сериозни закани по јавниот ред, и тие мора да бидат „последна мерка“ и строго „привремени“.