Ekipa
25 Јуни 2022•Ажурирај: 26 Јуни 2022
ЊУЈОРК (АА) - Десетици илјади поддржувачи на правото на абортус одржаа протести низ Соединетите Американски Држави (САД) откако американскиот Врховен суд го укина случајот „Роу против Вејд“, ставајќи крај на уставното право на абортус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Масовни протести се одржаа во Вашингтон, Њујорк, Филаделфија, Минеаполис, Флорида, Северна Каролина и други сојузни држави.
Со 6 гласа „за“ и 3 гласа „против“ судот го укина случајот од 1973 година кој го гарантираше уставното право на абортус околу 50 години.
Судот објави дека абортусот не е забранет, но дека сега сојузните држави можат сами да го дозволат или ограничат абортусот.
„Уставот не дава право на абортус. Моќта за регулирање на абортусот е вратена на народот и неговите избрани претставници“, се наведува во пресудата на Врховниот суд.
Одлуката се очекува да доведе до забрана на абортусот во речиси половина од сојузните држави во САД.
„Роу крајно не беше во право од самиот почеток. Неговото резонирање беше исклучително слабо, а одлуката имаше штетни последици“, напиша судијата Самуел Алито во своето мислење.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера ја критикуваше одлуката, велејќи дека таа ги вратила САД 150 години назад.
„Судот ги утврди државните закони за криминализирање на абортусот кои датираат од 1800-тите... судот буквално ја врати Америка 150 години назад“, рече Бајден на прес-конференција. „Тажен ден за земјата, но тоа не значи дека борбата е завршена.“
Одлуката предизвика бурни реакции кај многумина, вклучително и кај поранешниот претседател Барак Обама, кај невладините организации и Амнести интернешнал. Пред Врховиот судот излегоа голем број луѓе кои протестираа против одлуката.
Инаку, „Роу против Вејс“ беше одлука на Врховниот суд на САД во која Судот пресуди дека Уставот на САД генерално ја штити слободата на бремената жена за избор на абортус.