Dmitri Chirciu
26 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
КИЕВ (АА) - ДМИТРИ ЧИРЧИУ -
Поминаа 34 години од најголемата нуклеарна катастрофа во Чернобил, пишува Агенција Анадолија (AA).
На денешен ден, 1986 година, во нуклеарната централа во Чернобил, која се наоѓа на украинско-белоруската граница и на 110 километри од Киев, се случи експлозија која предизвикува истекување на облак од нуклеарни честички.
Нуклеарните честички се раширија низ цела Европа, па дури и до Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Јапонија.
На подрачјето во кое и понатаму постојат ризици од радијација во Украина, Белорусија и Русија, денес живеат околу 5 милиони луѓе.
На местото на експлозијата е подигнат голем челичен шатор, а целосното отстранување на централата планирано е да се спроведе до 2065 година.
Валериј Макаренко, претседател на Меѓународната унија „Чернобил-Фукушима“, рече дека фактите за експлозијата на нуклеарната централа во Чернобил на почетокот се криеле: „Ако не се криеше големината на несреќата, исходот ќе беше многу поразличен, ќе имаше помалку болни и мртви“.
Макаренко во време на трагедијата работел како новинар. Како што рече, на новинарите им било забрането да објавуваат какви било други вести, освен официјалните изјави на оваа тема.
„На новинарите не им беше дозволено да влезат во тоа подрачје. Никој не се осмелуваше. Бидејќи КГБ (Комитетот за државна безбедност на СССР) можеше да ни направи проблеми“, рече тој.
Тој се потсети дека до местото на несреќата успеал да дојде со хеликоптер.
„Пристигнав до местото на несреќата со хеликоптер со помош на еден познаник. Првото интервју ми беше со еден официјален претставник. Така беше овозможен проток на информации. Инаку, јавноста се обидуваше да добие информации од западните радиоканали. Беше многу понижувачко“, рече Макаренко.
Истакнувајќи дека администрацијата на СССР се обидувала да ги скрие фактите за несреќата, Макаренко рече дека кај Советите се прикажувало како да е сѐ идеално.
„Исто така беше речено дека нуклеарната централа во Чернобил е многу безбедна. Но видовме подоцна дека тоа не е случај“, изјави Макаренко.
Смета дека ако не се криела големината на несреќата, исходот би бил поинаков.
„Бројот на заболени и мртви би бил многу помал“, порача Макаренко.
Истакна дека несреќата влијаела на околу 2,6 милиони луѓе.
„Има многу луѓе кои се болни или кои починаа. Но причините за смртта на многумина од нив е регистрирана како срцев удар. Сето тоа се покажа со распадот на СССР“, рече Макаренко.
Борис Катјушин во 1986 година работел како инженер во нуклеарната централа во Чернобил.
„Сфативме дека ситуацијата е многу сериозна кога стигнавме на местото на несреќата. Но на местото на несреќата дојде до неред, и никој не знаеше што да прави“, рече тој.