Aşkın Kıyağan
28 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
ВИЕНА (АА) - Во Австрија утре ќе бидат одржани предвремени парламентарни избори на кои околу 6,4 милиони регистрирани гласачи бираат нов состав на националниот Парламент, кој брои вкупно 183 пратенички места, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на канцеларот Себастијан Курц падна кон крајот на мај оваа година, откако мнозинството во Парламентот ѝ изгласа недоверба.
Граѓаните на Австрија утре на околу 12.000 гласачки места, во вкупно 39 изборни единици, ќе бираат нов состав на Парламентот. Изборниот праг во Австрија изнесува четири отсто, а право на глас има секој граѓанин со полни 16 години.
Се претпоставува дека Социјалистичката партија на Австрија (SPO) и Народната партија на Австрија (OVP), две партии слични во политичката реторика и партиската агенда, треба да го формираат столбот во формирањето на новата австриска влада.
На последните парламентарни избори во Австрија одржани во октомври 2017 година, Народната партија на Австрија (OVP) освои 31,47 отсто од гласовите, Социјалистичката партија на Австрија (SPO) освои 26,86 отсто, додека Слободарската партија на Австрија (FPO) беше трета со 25,97 отсто од гласовите.