Ayhan Şimşek
22 Мај 2023•Ажурирај: 23 Мај 2023
БЕРЛИН (АА) - Германските власти истражуваат дали Украинец, со можна поврзаност со војската, бил вмешан во минатогодишната саботажа на гасоводот „Северен тек“, пренесува Анадолу.
Според државните медиуми NDR и WDR, германските истражители идентификувале Украинец во средни 20-ти години, за кој постои сомнение дека допатувал во земјата минатата година за да ги изврши нападите на подморските гасоводи што водат од Русија до Европа.
Се верува дека осомничениот е меѓу шесте лица што отпатувале во септември 2022 година во северниот германски град Росток, најмиле јахта користејќи лажни пасоши и поставиле експлозив на гасоводот „Северен тек“ што минува под Балтичкото Море.
Тој користел лажен романски пасош на име Стефан М., изјавија за медиумите извори од германската полиција, кои сакаа да останат анонимни. Според првичните сознанија, Украинецот претходно служел во пешадиска единица на украинската војска и живеел во град југоисточно од Киев.
Германските државни медиуми објавија дека истрагата сè уште е во тек и дека обвинителите не ја исклучуваат можноста саботажата да е операција под „лажно знаме“ организирана од Русија, во која сторителите можеле да остават лажни докази за да ѝ ја префрлат вината на Украина.
Украина постојано негираше каква било вмешаност, а германската Влада претходно предупреди на евентуални „избрзани заклучоци“ во врска со експлозиите.
Данската Влада минатиот месец тврдеше дека патроли на одбраната забележале руски бродови неколку дена пред експлозијата на гасоводот.
Русија претходно повика на меѓународна истрага предводена од Обединетите нации за саботажата, но барањето не беше поддржано од Советот за безбедност.