Gülsüm İncekaya
22 Мај 2023•Ажурирај: 24 Мај 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Според Обединетите нации (ОН), епидемијата на колера претставува закана за околу една милијарда луѓе во 43 земји, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ) се наведува дека многу земји се соочуваат со епидемија на колера.
Во ова соопштение се вели дека е зголемен бројот на заболени, а состојбата со епидемијата на колера е полоша од пред десет години.
Според соопштението, една милијарда луѓе се изложени на ризик од колера во 43 земји и дека овој ризик е многу поголем, особено кај децата помлади од пет години.
Исто така, се истакнува дека смртните случаи од колера се зголемени на алармантно ниво.
Овие организации соопштија дека бројот на случаи во Малави и Нигерија е поголем од очекуваното оваа година, додека инфекциите се проширија и во Мозамбик, Јужноафриканската Република, Танзанија, Замбија и Зимбабве.
„Во февруари и март оваа година во Малави и Мозамбик ураганот Фреди предизвика раселување на 800.000 луѓе во земјата и неможност за пристап до здравствените услуги. Следствено, обилните дождови и поплавите го зголемија ризикот од колера во регионот“, се нагласува во соопштението.
Директорот на СЗО одговорен за борба против колера, Хенри Греј, изјави дека тие предвиделе дека случаите на колера може да се менуваат сезонски и може многу повеќе да се зголемат.
„Направени се големи чекори во лекувањето на епидемиите на колера во последните децении“, рече Греј.
„Но сега ризикуваме ситуацијата да се врати назад“, додаде тој.
Изразувајќи дека работат во тесна соработка со УНИЦЕФ, Греј рече дека до 2025 година треба двојно да ги зголемат дозите на вакцините.
Тој рече дека вакцината сама по себе не е решение.
„Вакцинацијата е алатка, но не и општо решение. Инвестициите во санитација на водата треба да бидат меѓу приоритетите. За ова ни требаат итни средства“, додаде Греј.