Ayhan Şimşek
23 Ноември 2023•Ажурирај: 24 Ноември 2023
БЕРЛИН (АА) - Германската полиција спроведе рации низ целата земја како дел од акцијата против групи и поединци кои го поддржуваат Хамас, соопштија властите, пренесува Анадолу.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека цел на операцијата биле осомничени членови и поддржувачи на Хамас и Самидун (Мрежа за солидарност на палестинските затвореници). Двете групи се забранети во Германија.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека по одлуката на Владата претходно овој месец да ги забрани двете организации, тие сега преземаат акции против нивните активности за пропаганда и собирање средства.
„Со забраните за Хамас и Самидун во Германија, испративме јасен сигнал дека нема да толерираме никакво величење или поддршка на варварскиот терор на Хамас против Израел“, рече таа во изјавата.
Во раните утрински часови, полицијата изврши рација на 15 имоти во пет сојузни држави со цел да ги спроведе забраните и да собере докази за активностите на Хамас и Самидун, соопштија властите.
Според Министерството за внатрешни работи, Хамас има околу 450 членови во Германија, а нивните активности главно биле насочени кон пропаганда и собирање средства.
„Членовите и поддржувачите на Хамас во Германија, исто така, се обидуваат да влијаат на политичкиот и општествениот дискурс. Досега немало никакви насилни акции на Хамас во Германија“, соопшти Министерството.
Германската Влада презеде поостар пристап кон пропалестинските групи по ескалацијата на конфликтот во Газа минатиот месец и забрани повеќе од сто собири и демонстрации.
Германските власти тврдат дека групата Самидун ги прекршила законите со глорифицирање на нападите извршени од Хамас, „пропагирање антиизраелски и антисемитски ставови“ и „негирање на правото на Израел да постои“.
Владата вели дека Германија има историска одговорност за безбедноста на Израел поради нацистичкото минато на земјата и злосторствата извршени врз Евреите за време на Втората светска војна.
Но, критичарите ја обвинуваат Владата дека дава целосна поддршка на контроверзната политика на премиерот Бенјамин Нетанјаху и замижува пред воените злосторства извршени од израелската војска во Газа.