Ayhan Şimşek
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, денес остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за наглото и еднострано наметнување санкции кон трговските партнери, како Турција, Кина и Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на Годишната конференција на амбасадори во Берлин, Мас вети дека ќе преземе мерки за заштита на европските компании од таквото еднострано наметнување санкции.
„Политиката на санкции на Вашингтон нè тера нас, Европејците, да формираме одговор. Затоа што тоа влијае на нас, Германија и Европа, кога САД нагло и еднострано често наметнуваат неодредени санкции против Русија, Кина и Турција, и можеби во идинина и кон нашите други важни трговски партнери“, нагласи тој.
Мас тврди дека земјите членки на ЕУ треба да преземат заеднички чекори против доминирањето на САД во глобалните финансии, и предложи европска алтернатива на платниот систем SWIFT во кој доминираат САД.
„Мораме повеќе да ја зајакнеме нашата автономност и суверенитетот на Европа на полето на трговијата, економијата и финансиските политики“, нагласи тој.
„Нема да биде лесно, но веќе започнавме да работиме на тоа. Ние работиме на предлозите за воспоставување независни платни канали и создавање Европски монетарен фонд“, додаде тој.