Ekipa
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
БЕРЛИН (АА) - Речиси 3 милиони деца во Германија живеат во сиромашни семејства откако кризата со трошоците за живот во земјата турна повеќе родители во сиромаштија.
„Сè повеќе луѓе доаѓаат кај нас, барајќи поддршка“, изјави за Агенција Анадолија (АА) Бернд Зигелков, основач на добротворната организација „Арче“, изразувајќи жалење што властите не прават доволно за да го решат проблемот.
„Се чини дека никој нема да направи ништо додека дете не умре од глад во Германија. Властите треба да дејствуваат сега, не треба да ја чекаат следната година“, рече тој.
„Нема доволно поддршка за сиромашните луѓе. Организациите со донирана храна не прифаќаат повеќе луѓе“, рече тој.
Објектите на „Арче“ во Германија поддржуваат илјадници сиромашни семејства и нивните деца, помагајќи да се задоволат основните потреби на децата, обезбедувајќи топли, готвени оброци и образовна поддршка.
Зигелков рече дека зголемените цени на енергијата и инфлацијата им отежнуваат на семејствата да ги задоволат основните потреби и дека сè повеќе луѓе ја контактираат добротворната организација барајќи помош за своите деца.
„Цените растат, а всушност ова започна изминатата пролет. Оттогаш многу семејства не можат да се справат ситуацијата“, рече тој. „Многу луѓе работат за ниски плати. Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни“.
Стапката на инфлација во Германија достигна 7,5 отсто во јули, а аналитичарите велат дека во наредните месеци би можела да го достигне највисокото ниво во последните 70 години, 10 отсто.
Домаќинствата ќе треба да платат околу 3.500 евра за гас оваа зима - речиси трипати повеќе од она што го платиле минатата година, според проценките.
Зигелков рече дека сиромашните семејства бараат начини да ги намалат трошоците и дека кризата има драматично влијание врз децата.
„Доколку цените продолжат да растат сè повеќе деца ќе одат на училиште без да појадуваат“, рече тој.
„Кризата со коронавирусот веќе имаше негативно влијание – децата се уште повеќе исклучени од порано. Инфлацијата сега ги остава родителите во поголем очај“, додаде тој.
Државната програма за поддршка на невработени родители и сиромашни семејства не е доволна за задоволување на основните потреби, според Зигелков треба да постојат посериозни мерки, како откажување од ДДВ за прехранбените производи најмалку шест месеци.
„Мислам дека на нашата земја ѝ недостасува лидерство“, рече тој со фрустрација. „Политичарите се кријат кога станува збор за важни прашања. Тие зборуваат и зборуваат, но не дејствуваат“.
Зигелков потенцира дека е потребна итна акција и дека властите треба веднаш да ја зголемат поддршката за невработените родители и сиромашните семејства и деца.
„Се надевам дека ќе видат дека имаме проблем со детската сиромаштија во оваа земја и дека бројот на засегнати деца расте. Мора да направиме нешто“, рече тој. „Мораме да направиме нешто за нив, и мислам денес, не можеме да чекаме повеќе“.