свет

Германија со остри критики за израелскиот закон за смртна казна за Палестинци

- „Владата е загрижена дека најверојатно ваков закон би се применувал исклучително за Палестинци на палестински територии. Затоа жали за одлуката на Кнесетот и не може да ја поддржи.“

Ayhan Şimşek  | 31.03.2026 - Обновена : 31.03.2026
Германија со остри критики за израелскиот закон за смртна казна за Палестинци

БЕРЛИН (АА) – Германија остро го критикува новиот израелски закон за смртна казна, оценувајќи го како загрижувачки чекор и предупредувајќи дека може да се применува на дискриминаторски начин, јавува Анадолу.

„Противењето на смртната казна е основен принцип на германската политика“, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус во соопштение.

Тој посочи дека Германија разбира оти Израел презел „строги мерки против тероризмот од 7 октомври“, но додаде дека Берлин со „голема загриженост“ гледа на новиот закон.

„Владата, исто така, е загрижена дека најверојатно ваков закон би се применувал исклучително за Палестинци на палестински територии. Затоа жали за одлуката на Кнесетот и не може да ја поддржи“, рече Корнелиус.

Израелскиот парламент, Кнесет, вчера го усвои законот, со кој смртната казна станува стандардна казна за Палестинците на окупираниот Западен Брег осудени за смртоносни напади врз Израелци. Премиерот Бенјамин Нетанјаху гласаше за поддршка на законот.

Во согласност со законот, смртната казна бесење ќе ја извршуваат службеници во затворот назначени од Израелската затворска служба, при што лицата вклучени во процесот ќе имаат анонимност и правен имунитет.

Во законот се предвидува и преместување на лицата осудени на смрт во специјални објекти, ограничување на посетите само на лица што имаат дозвола, како и на контактите со адвокатите, кои ќе се одвиваат исклучително преку видеокомуникација.

Судовите ќе можат да изрекуваат смртни казни без барање од обвинителите, и нема да биде потребна едногласна одлука, при што ќе бидат дозволени пресуди со просто мнозинство.

Законот се однесува и на воените судови што ги разгледуваат случаите на Палестинци на окупираниот Западен Брег, а на министерот за одбрана му се дава право да даде мислење пред судот.

Во законот, исто така, се исклучува можноста за жалба по изрекувањето смртна казна, додека во одредени случаи казната може да биде заменета со доживотен затвор за затвореници во Израел.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.