свет

Германија предупреди во мировните преговори со Русија да не се тргаат настрана Украина и Европа

- „Секое договарање за прекин на огнот и за мирен развој во Украина може да се дискутира и преговара само со вклучување на Украина. И Европа мора да биде дел од тоа“, порача шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул.

Ayhan Şimşek  | 20.11.2025 - Обновена : 20.11.2025
Германија предупреди во мировните преговори со Русија да не се тргаат настрана Украина и Европа

БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес предупреди дека какви било мировни преговори со Русија мора да ги вклучат и Киев и европските земји, а на нив мора да им претходи прекин на огнот за да им се даде фер шанса на преговорите, јавува Анадолу.

Говорејќи пред новинарите во Брисел, Вадефул изрази загриженост поради извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп одобрил таен мировен план од 28 точки, подготвен во соработка со Русија, кој наводно бара значајни отстапки од Украина.

„Секое договарање за прекин на огнот и за мирен развој во Украина може да се дискутира и преговара само со вклучување на Украина. И Европа мора да биде дел од тоа“, порача Вадефул.

„Ја поздравуваме секоја иницијатива за започнување преговори. Но прв предуслов е Владимир Путин да ја заврши својата агресивна војна против Украина, да постигнеме прекин на огнот без предуслови“, рече тој.

На прашањето за потенцијални ограничувања на украинските вооружени сили во рамките на предложениот план, шефот на германската дипломатија нагласи дека секоја безбедносна рамка мора да ја гарантира сувереноста на Украина.

„За ова мора да се разговара со Украина, но мора да се изгради безбедносна архитектура што, пред сè, ќе ја осигури идната безбедност на Украина“, истакна Вадефул.

„Мора да извлечеме поуки од искуството од Минск, а исто така мора да биде јасно дека Украина може да го задржи својот суверенитет“, додаде тој, осврнувајќи се на минатите договори за прекин на огнот наменети за завршување на војната во Источна Украина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.