Заедничка изјава: Посетата на саудискиот престолонаследник на САД го продлабочи стратегиското партнерство
- Последната посета беше во март 2018 година, кога се сретна со претседателот Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат
ИСТАНБУЛ (АА) – Посетата на саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман на Соединетите Американски Држави (САД) ја продлабочи историската стратегиска партнерска врска меѓу Ријад и Вашингтон, соопштија двете страни во заедничката изјава објавена денес од Саудиската новинска агенција (SPA), пренесува Анадолу.
Престолонаследникот пристигна во САД во вторникот во тридневна официјална посета – негово прво патување во земјата по седум години.
Последната посета беше во март 2018 година, кога се сретна со претседателот Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат.
По одржаниот саудиско-американски самит во Вашингтон, Бин Селман и Трамп ја потврдија „длабоката посветеност кон историските врски на пријателство и стратегиско партнерство“ меѓу двете земји и разговараа за дополнително зајакнување на соработката „во сите области.“
Престолонаследникот ги пофали „позитивните резултати“ од посетата на Трамп на Ријад во мај 2025 година што, според него, ги подигнала билатералните односи „на невидено историско ниво.“
Двете страни ги разгледаа регионалните и меѓународните случувања од заеднички интерес и разменија мислења за тековните кризи и напорите за унапредување на сите аспекти од стратегиското партнерство.
Посетата резултираше со потпишување Стратегиски договор за одбрана, Стратегиско партнерство за вештачка интелигенција, како и заедничка објава за финализирање на преговорите за соработка во граѓанската нуклеарна енергија.
Исто така, беа потпишани и други договори, меѓу кои стратегиска рамка за обезбедување синџири на снабдување со ураниум, метали, трајни магнети и клучни минерали; рамка за поедноставување на процедурите и забрзување на саудиските инвестиции; договори во сферата на економијата и финансиите; соработка во финансиските пазари; меѓусебно признавање на американските федерални стандарди за безбедност на возила, како и меморандум за соработка во образованието и обуката.
Бин Селман и Трамп присуствуваа и на инвестицискиот форум САД–Саудиска Арабија, на кој беа најавени речиси 270 милијарди долари договори и меморандуми за соработка.
По заминувањето од САД, престолонаследникот прати телеграма со благодарност до американскиот претседател.
Според СПА, тој изразил благодарност за „топлото добредојде и искрената гостопримливост“ што тој и неговата делегација ја добиле за време на посетата.
Официјалните разговори меѓу престолонаследникот и американскиот претседател, нагласи тој, „ја потврдија трајната сила на историските и стратегиските односи меѓу двете земји и континуираните напори на двете земји.“
