Ekipa
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија понуди да испрати борбени авиони за зајакнување на воздушната патрола над Полска по падот на ракетата во која загинаа 2 лица, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана Кристијан Тилс, јавува Агенција Анадолија. (АА).
„Ова може да се случи утре доколку Полска го сака тоа“, рече Тилс на неделната владина прес-конференција во Берлин.
Тој истакна дека овој потег ќе има за цел зајакнување на воздухопловното патролирање со авионите „Еврофајтер“ на германските воздухопловни сили.
„Авионите не мора да бидат пренесени во Полска за ова. Патролите може да се вршат од базите на германските воздухопловни сили“, рече портпаролот на Министерството, додавајќи дека германското воено воздухопловство веќе го направило тоа во јули.
„Министерката за одбрана, Кристин Ламбрехт, ќе разговара за ова прашање со нејзиниот полски колега во текот на денот“, рече Тилс.
Според портпаролот, сè уште не е јасно колку германски „Еврофајтер“ ќе бидат вклучени во воздушното патролирање над Полска, за што треба да се разговара со полската страна.
Вчера, во ракетен напад 2 лица го загубија животот на фарма во близина на западната граница на Полска со Украина. Полскиот претседател Анджеј Дуда истакна дека не постојат индикации за намерен напад.