Ekip
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
БЕРЛИН (АА) - Долгогодишен член на екстремно-десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) ја напушти водечката позиција по преминувањето во ислам, јавуваат германските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа вест беше потврдена од регионалната канцеларија на партијата во Бранденбург. Како што се наведува, Артур Вагнер пред две недели „од лични причини“ ја напушти водечката позиција во регионалниот одбор на партијата.
Портпаролот на партијата, Даниел Фрие, денес соопшти дека за преобраќањето на Вагнер дознале по поднесувањето на оставката.
Германскиот весник „Тагеспигел“ (Tagesspiegel) известува дека Вагнер ѝ се приклучил на националистичката партија во 2013 година, кратко време по нејзиното формирање. Претходно бил активен во групи кои им помагаат на бегалците.
Партијата АфД е позната по својата антиисламска реторика и својата програма ја заснова на кампањата за спречување на „исламизацијата на Германија“, особено по 2015 година, кога речиси еден милион бегалци, главно од Сирија и Ирак, пристигнаа во земјата.