Erbil Başay
08 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
БЕРЛИН (АА) - Последното истражување на јавното мислење во Германија покажа дека радикално десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) достигна рекордно висока поддршка и се изедначи со Социјалдемократската партија (SPD), пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Bild am Sonntag“ (Билд ам Сонтаг) денес ги објави резултатите од анкетата што ја спроведе компанијата „Емнид“.
Според резултатите, радикално десничарската Алтернатива за Германија во изминатата недела остварила раст на популарноста од 3 отсто, достигнувајќи рекордни 17 отсто поддршка во Германија.
Коалициониот партнер, Социјалдемократската партија, во истиот период изгуби 2 отсто од популарноста, и исто така има поддршка од 17 отсто.
Големите коалициски сојузници од христијанската унија (CDU/CSU) заедно изгубија 2 отсто, и моментално имаат поддршка од 30 отсто од бирачите.
Според резултатите на истата анкета, опозициската партија на Зелените ја задржа поддршката од 12 отсто, а Слободарската партија (FDP) и Левицата останаа на минатонеделните 9 отсто.
Слични резултати имаше и анкетата спроведена за телевизиите RTL и NTV од страна на центарот „Форса“.
Падот на популарноста на партиите од владејачката коалиција е плод на минатонеделната криза во врска со миграциската политика, а оваа криза најдобро ја искористи Алтернатива за Германија.
Парламентарните избори во Германија се одржаа во септември минатата година, кога партнерите од христијанската унија (CDU/CSU) освоија 32,9 отсто од гласовите. Социјалдемократската партија доби 20,5, а Алтернатива за Германија, 12,6 отсто од гласовите на гласачите.