Erbil Başay
21 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
БЕРЛИН (АА) – Во Штутгарт, Германија, стотици луѓе ја нападнаа полицијата и ги кршеа прозорците на продавниците по рација на полицијата во центарот на градот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од полицијата на Штутгарт, се наведува дека откако полицијата извршила контрола за дрога во центарот на градот, голем број луѓе се собрале на полноќ и тргнале кон плоштадот „Шлос“.
Наведено е дека толпата во групи се движела низ страничните улици и ги нападнала полициските службеници и полициските возила со камења и стапови.
Во соопштението се вели дека за време на настаните, плочниците на тротоарите биле отстранети и фрлани врз полицијата.
Меѓу другото, наведено е дека прозорците на голем број продавници се скршени, а имало и пљачки.
Исто така споделени се информации дека многу полицајци се повредени во инцидентите и дека повеќе од 20 лица се приведени.
Над 200 полицајци од околните области биле испратени во Штутгарт, а ситуацијата се смирила утрово.
Според извештаите на локалните медиуми, портпарол на полицијата изјавил: „Ситуацијата е целосно надвор од контрола.“
„Ова е тажен ден за Штутгарт“, изјави градоначалникот на Штутгарт, Фриц Кун, на Твитер, додавајќи дека е шокиран од нападот врз полицијата и од уништувањето на градот.