Cüneyt Karadağ
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Вооружениот студент кој уби свој колега студент и рани уште тројца на Универзитетот „Хајделберг“ во Германија пред да се самоубие, претходно бил поврзан со неонацистичка група, објавија германските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според весникот „Ди цајт“ (Die Zeit) напаѓачот, именуван само како Николај Г., бил член на милитантната неонацистичка „микропартија“ „Дер дрите вег“ (Третиот пат), но дека оттаму заминал по некое време.
Сепак, Јавното обвинителство во Хајделберг нагласи дека нема докази дека нападот бил политички мотивиран.
Непосредно пред злосторството, 18-годишниот напаѓач, кој бил студент по биологија на Универзитетот, наводно му испратил порака на својот татко преку „ВатсАп“, во која пишува „луѓето мора да бидат казнети“, а неговиот татко го пријавил во полиција.
Откриено е дека напаѓачот од Австрија купил пушка и сачмарка и околу 100 парчиња муниција, а во собата што ја изнајмил додека бил во Австрија, бил пронајден и трет пиштол.
Исто така, се дозна дека тој учествувал во ранувањето на маж во Берлин во 2017 година и дека и покрај тоа што неговата мајка поднела пријава во полиција, истрагата не резултирала со негово казнување.
Инцидентот се случи во понеделникот во Нојенхајмер Фелд, еден од трите кампуси на Универзитетот „Хајделберг“, кој вклучува медицинско училиште и факултет за природни науки.