Ayhan Şimşek
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Речиси 200 турски граѓани (вклучувајќи поранешни војници, официјални лица и членови на нивните семејства) добија азил во Германија, соопштија денес локалните медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на парламентарно прашање од опозициската левичарска партија, владата потврди дека 249 турски државјани со дипломатски пасоши аплицирале за азил во Германија по неуспешниот обид за државен удар во Турција во јули минатата година.
До септември оваа година, 196 лица добија азил. Овој број исто така ги вклучува членовите на семејствата, изјави пратеникот на Левицата, Севим Дагделен, за новинската агенција ДПА.
Одобрувањето на азилот за поранешните турските официјални лица ќе им наштети на веќе напнатите односи меѓу Анкара и Берлин.
Во минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во Турција, кој беше организиран од страна на терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен, загинаа 250 лица, а речиси 2.200 беа повредени.
По неуспешниот обид, неколкумина турски воени офицери се стационираа во базите на НАТО во Германија, не слушајќи ги наредбите од Анкара да се вратат дома.
Неколкумина поранешни војници и поранешни официјални претставници осомничени за поврзаност со ФЕТО, дојдоа во Германија од соседните земји или од Турција, и поднесоа барање за азил.
И покрај постојаните барања од страна на Анкара за враќање на осомничените од ФЕТО во Турција заради судење, германските власти ги одбија ваквите барања тврдејќи дека Анкара мора да поднесе законски докази.
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мејзер, минатата недела изјави дека вкупно 615 турски граѓани со дипломатски или со службени пасоши аплицирале за азил во Германија, но не даде никаква информација во врска со резултатите од овие апликации.
Германија, која е дом на 3 милиони турски имигранти, се наоѓа меѓу земјите каде што ФЕТО успеа да организира голема мрежа, вклучувајќи десетици бизниси, приватни училишта и медиумски организации.
Групата којашто е позната под името Ѓуленисти, тврди дека има околу 70.000 следбеници во Германија.
ФЕТО стои зад долготрајната кампања за земање контрола преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.