Ayhan Şimşek
24 Април 2019•Ажурирај: 25 Април 2019
БЕРЛИН
Германија денес ја потврди својата посветеност кон Нуклеарниот договор со Иран и покрај неодамнешниот потег на САД за наметнување санкции врз земјите кои купуваат иранска нафта, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-портпаролката на Владата, Улрике Демер, на прес-конференцијата во Берлин изјави дека тие ја зеле предвид неодамнешната одлука на администрацијата на Трамп и ќе се координираат со другите членки на ЕУ за заедничко оценување на нејзините импликации.
„Како што знаете, германската Федерална влада и Европската Унија остануваат посветени на Нуклеарниот договор со Иран“, изјави таа, додавајќи дека овој договор ќе ја олесни легитимната трговија со Иран, во согласност со меѓународното право и правото на ЕУ.
„Ќе продолжиме да веруваме дека овој договор е многу важен инструмент за спречување на Иран да се вооружи со нуклеарно оружје“, изјави таа.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, минатата година се повлече од Нуклеарниот договор со Иран склучен во 2015 година и додатно го зголеми притисокот за повторно воспоставување санкции за извоз на иранска нафта.
Во понеделникот, администрацијата на Трамп објави дека нема повторно да ги обновува олеснувањата за иранските санкции на осум земји (Турција, Кина, Грција, Индија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван), коишто истекуваат на 2 мај.
Во 2015 година, светските сили се согласија да ги укинат економските санкции наметнати на Иран во замена за тоа Техеран да се согласи да ја ограничи својата нуклеарна активност за мирни и граѓански цели.
Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) е познат како Ирански нуклеарен договор. Договорот за нуклеарна програма со Иран и групата земји P5+1 (пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија), беше потпишан во 2015 година во Виена.
И покрај повлекувањето на САД од Договорот, Германија, Франција и Велика Британија поставија нов механизам во јануари, нудејќи им на европските фирми алтернативен начин на плаќање за да продолжи трговијата со Иран и покрај санкциите на САД.