Ayhan Şimşek
21 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија повика на обединет меѓународен одговор за убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Потребен ни е обединет одговор од меѓународната заедница“, напиша денес германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, на социјалната мрежа Твитер, додавајќи дека Берлин го координира својот став заедно со Франција, Велика Британија, другите партнери од ЕУ и земјите од групата Г7.
Кашоги последен пат беше виден на 2 октомври кога влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Саудиските власти, по денови на негирање дека имаат одредени сознанија каде се наоѓа Кашоги, вчера соопштија дека признаваат оти Кашоги починал како резултат на расправија во Конзулатот.
Мас изјави дека од Саудиска Арабија се очекува веродостојна истрага за утврдување на вистинските околности за смртта на Кашоги.
Германскиот висок дипломат, исто така најави дека коалициската Влада на германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја запре продажбата на оружје во Саудиска Арабија.
„Сѐ додека истрагата е во тек, сѐ додека не знаеме што точно се случило таму, мислам дека не постои основа за извоз на оружје во Саудиска Арабија“, изјави тој за германскиот јавен радиодифузен сервис ARD.