Kasım İleri
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Повлекувањето на американските сили од Авганистан е завршено, потврди командантот на Централната команда на САД (CENTCOM), генералот Кенет Мекензи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералот Мекензи се појави пред камерите со портпаролот на американското Министерство за одбрана (Пентагон), Џон Кирби, за да го најави завршувањето на повлекувањето по 20-годишното присуство во Авганистан.
„На крајот од воената мисија за евакуација на американските државјани и загрозените Авганистанци, јас сум тука да го објавам крајот на нашето повлекување од Авганистан. Последниот авион Ц-17 полета на 30 август во 15:29 часот (источно северноамериканско време) од Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, а последните авиони со екипаж во земјата во моментов се повлекуваат од воздушниот простор над Авганистан“, рече Мекензи.
На 29 февруари оваа година, американската администрација се обврза да ги повлече сите свои војници од Авганистан до 1 мај 2021 година, како дел од договорот со талибанците во Доха, главниот град на Катар.
Меѓутоа, американскиот претседател Џо Бајден, кој ја презеде функцијата на 20 јануари 2021 година, соопшти дека повлекувањето нема да биде завршено во споменатиот рок, а потоа рече дека ќе биде завршено до годишнината од нападите на 11 септември.
Заземајќи го главниот град Кабул, талибанците ја презедоа контролата врз градот без конфликт откако претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, ја напушти земјата на 15 август.