İdiris Okuduci
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
БЕЈРУТ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, порача дека само Либанците можат да ги решат проблемите на Либан, кој е во многу тешка ситуација, но за да се надмине тоа потребна е помош од меѓународната заедница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гутереш по средбата со претседателот на либанскиот Парламент, Набих Бери, во главниот град Бејрут одржаа заедничка прес-конференција.
„Само Либанците можат да го решат проблемот на Либан“, рече Гутереш и додаде: „Но, сакам да истакнам дека е потребна и поддршката на меѓународната заедница за надминување на сегашната, многу тешка ситуација во Либан.“
Потсетувајќи дека ОН се солидарни со либанскиот народ во овој тежок процес, Гутереш рече:
„Ќе вложиме максимални напори да ја мобилизираме меѓународната заедница за поддршка на Либан. На [Либан] му е потребна поддршка за хуманитарна, развојна и економска обнова.“
Истакнувајќи дека со претседателот на Парламентот, Бери, разговарале и за ситуацијата на воените сили на ОН кои служат на границата меѓу Либан и Израел, на југот на земјата, Гутереш нагласи: „Треба да престанат сите прекршувања на примирјето. Претседателот на Парламентот особено се осврна на повредите на либанскиот воздушен простор и на прашањето за целосно спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.“
Генералниот секретар, исто така, истакна дека пред средбата со Бери го посетил пристаништето во Бејрут каде што се случи големата експлозија на 4 август 2020 година, за да им оддаде почит на оние кои ги загубија животите во експлозијата и да ја покаже својата солидарност со нивните семејства.
„Многу добро ја разбирам желбата на семејствата да ја знаат вистината за оваа трагедија и барањето да се продолжи со транспарентна истрага“, додаде Гутереш.
- Претседателот на либанскиот Парламент за прекршувањата на Израел -
Претседателот на Парламентот на Либан, Набих Бери, истакна дека на денешната средба разговарале и за активностите за истражување на нафта и природен гас во спорното поморско подрачје меѓу Израел и Либан.
Наведувајќи дека преговорите за поморската граница се одвивале под капата на ОН и во присуство на САД, Бери рече дека одложувањето на преговорите се одразило на либанската економија и го отежнале справувањето со актуелната криза.
Меѓу другото, Бери рече дека Израел секојдневно го нарушува либанскиот воздушен простор, и дека го користи нивниот воздушен простор и за напади врз Сирија.